Ракометна Македонија следната сезона ќе има осум претставника во куповите на ЕХФ. Веќе е познато дека Еурофарм Пелистер ќе биде дел од групната фаза на Лигата на шампионите, а ЕХФ денес и официјално објави дека скопски Вардар ќе игра во групната фаза од второто по ранг натпреварување, Лигата на Европа.
Познати се вкупно 22 од 32-те екипи, а Вардар ќе биде во вториот шешир, додека останатите 10 екипи ќе бидат познати откако ќе се одиграат квалификациите.
Одлична вест за македонскиот ракомет е и специјалната покана која ја доби Тиквеш за настап во Европскиот куп. Екипата од Кавадарци настапот ќе го започне во првото коло, односно 1/64-финалето. Останатите две македонски екипи, Алкалоид и Охрид, ќе започнат директно во второто коло.
Во женска конкуренција, Македонија ќе ја претставуваат три екипи. Шампионот на Македонија, Ѓорче Петров, ќе игра во Лигата на Европа, но ќе започне во првото квалификациско коло, а за пласман во групната фаза ќе треба успешно да прескокне две пречки.
Чаир и Металург Автокоманда ќе настапуваат во Европскиот куп, и тоа во 1/32-финалето.
Ждрепката за сите европски купови ќе се одржи на 16 јули во 11 часот.