Франција поведе против Шпанија со 1-0 по 9 минути игра во полуфиналето на Европското првенство, но Црвената фурија направи пресврт и сега води со 2-1.
Голот за водство на Франција го постигна Рандал Коло Муани, кој со глава одлично реагираше по центаршутот на Килијан Мбапе. Мбапе игра без маска на лицето и веднаш покажа дека се чувствува покомотно и има подобра визија.
За Триколорите ова е прв нивен гол од игра на ЕВРО 2024. Досега трите погодоци им беа од пенал и автоголови на противниците. Коло Муани им се придружи на легендите Платини и Зидан на листата на Французи кои дале гол во полуфинале и на СП и на ЕП.
Но, нивната радост траеше 12 минути, младиот Ламин Јамал (в сабота полни 17 години) испиша историја како најмлад стрелец на ЕП, и тоа на мајсторски начин го совлада францускиот голман Мењан.
Ова им даде поттик на Шпанците кои четири минути подоцна дадоа уште еден гол, и тоа автогол на Кунде по шутот на Олмо. Франција првпат е во ситуација да губи на ова ЕП.