Пред една година не можеше да најде клуб, а сега е најдобар играч на Копа Америка

Точно пред 10 години Џејмс Родригес заблеска на светската сцена кога во дресот на репрезентацијата на Колумбија беше најдобар на Светското првенство кое се играше во Бразил во 2014 година. По тој негов настап, Родригес беше купен од Реал Мадрид, кој му плати 75 милиони евра на Монако.

УЕФА го вметна Колумбиецот во најдобриот тим за 2015 година. Потоа направи трансфер во Баерн Минхен и таму беше одличен. Родригес беше во тимот на годината во Бундеслигата во 2017 година. Сепак, потоа кариерата му тргна во надолна линија. Во 2020 година одигра една сезона во Евертон, а потоа се пресели во катарскиот Ал-Рајан.

Во Европа се врати во 2022 година во тимот на Олимпијакос, но Грците му го раскинаа договорот само по 23 одиграни средби. Неколку месеци не можеше да најде клуб, а потоа потиша за Сао Пауло во Бразил, каде што и сега е дел.

И покрај слабата форма во која се наоѓаше и неактивното играње подолг период, Џејмс беше повикан да биде дел од репрезентација на Колумбија за Копа Америка. Некогашната голема ѕвезда целосно ја оправда довербата и беше најдобар не само во неговата репрезентација, туку на крајот го доби признанието за МВП на турнирот, иако Колумбија загуби во финалето од Аргентина со 1:0.

Сао Пауло, кој му даде шанса и потпиша со Родригес, сега може да чека понуди за 33-годишниот офанзивен играч, кој докажа дека уште може да игра на врвно ниво.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести