Македонскиот фудбалски првак Струга Трим Лум попладнево (17 часот) ја продолжува летната европска авантура со дуел против Пјуник, во рамките од второто коло од квалификациите за пласман во Конференциската лига на УЕФА. Струга ТЛ беше елиминирана од квалификациите во ЛШ (два порази од Слован Братислава), па сега продолжува во најслабото по ранг натпреварување на УЕФА.
Тренерот на Струга ТЛ, Ќатип Османи верува во своите избраници и очекува победа на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
„Ова е прв натпревар и секако дека имаме приоритет да победиме, но мора да внимаваме. Има два меча и секако се работи за екипа која игра поинаку на домашните натпревари и поинаку како гостин, така што и во овој аспект мора да бидеме внимателни како домаќини. Играме против екипа која е многу дисциплинирана, многу борбена. На последните два натпревари против Динамо Минск се обиде да одигра добро во одбраната, применувајќи и игра со брзи контранапади. Се работи за многу квалитетен тим, но сепак мислам дека имаме квалитет да го победиме тимот на Пјуник“, најавува Османи.
За Струга ТЛ овој меч ќе биде 13-ти во Европа во клупската историја. Досегашниот биланс им е три победи, две ремија и дури седум порази. Според коефициентите во Sport Life, може да се чекува четвртата победа на Струга ТЛ во европските купови, но сепак за такво нешто да се случи, избраниците на Османи треба да бидат подобри на теренот.