Американската кошаркарска репрезентација пристигна во Париз и само чудо може да се случи да не го освои златниот медал на турнирот. Меѓу кошаркарите кои се дел од националниот тим на САД е и Џоел Ембид, еден од најдобрите НБА играчи.
Многумина очекуваа токму Ембид да биде главна ѕвезда во составот на Камерун, земјата каде што е роден, но откако тоа пропадна, Французите очекуваа да го видат во нивниот национален дрес. Наводно, Ембид дури му ветил и на претседателот на Франција Емануел Макрон дека ќе игра за Галските петли, но наместо тоа, кошаркарската ѕвезда одбра да го носи дресот на САД.
Токму поради тоа, дел од француските навивачи беа лути кога го видоа Ембид, па побараа од него да го врати францускиот пасош што го поседува.
„Џоел врати го пасошот, врати го пасошот“, викаше еден навивач, а друг додаде „Требаше да играш за Франција“. Кошаркарот само се насмевна и влезе во тимскиот автобус.