Тренерот на олимписката боксерска репрезентација на Самоа, Лионел Елика Фатупаито (60), почина од срцев удар, соопшти Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА).
Според извештаите на медиумите, трагедијата се случила во олимпиското село во петокот, пред почетокот на церемонијата на свеченото отворање. Му била укажана помош од службите за итна помош, но не успеале да го спасат.
„Неговата посветеност и страст за спортот оставија светла трага во боксерската заедница. Неговото наследство ќе продолжи да ги мотивира идните генерации. Нашите молитви се со сите оние кои беа погодени од трагедијата“, објавија од ИБА.
Островската држава има само еден претставник во боксерската конкуренција. Тоа е Ато Плоџицки-Фаоагали, кој е двократен шампион на Пацифичките игри и во недела ќе се соочи со Белгиецот Виктор Шелстрате.