Дани Олмо конечно е регистриран и вечерва ќе дебитира за екипата на Барселона во мечот од третото коло на Ла Лига против Рајо Ваљекано на гости. Сепак, регистрацијата на Олмо не е резултат на подобрената финансиска состојба на Каталонците или затоа што се ослободија од неколкумина фудбалери, туку само сплет на околности.
Клучната улога ја имаше повредата на данскиот дефанзивец Андреас Кристенсен, кој ќе паузира помеѓу два и четири месеца, па според правилата, бидејќи се работи за посериозна повреда, Барселона можеше дополнително да пријави нов фудбалер.
Сепак, кога Данецот ќе се врати на терените, регистрацијата на Олмо нема да биде ретроактивно поништена и двајцата ќе останат регистрирани за оваа сезона. Во спротивно, раководството на Каталонците ќе мораше да се ослободи уште од неколкумина фудбалери за да може да го регистрира најголемото летно засилување кое пристигна од Лајпциг за 55 милиони евра.