Еден од најдобрите центри во историјата на НБА-лигата, Шекил О’Нил, вели дека европската кошарка по квалитетот ја стигнала НБА-лигата и дека веќе нема голема разлика. Легендарниот центар е убеден дека на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година, златниот медал на кошаркарскиот турнир нема да го освои САД, иако ќе биде и домаќин на Игрите.
„Ги гледав мечевите на Светското првенство и воопшто не се изненадив кога Германија славеше над САД. Кога играв јас, ние бевме многу понапред од европските селекции, но тоа сега се промени. Нѐ стигнаа. Сигурен сум дека САД нема да го освои златниот медал на Олимписките игри во 2028 година во Лос Анџелес“, вели О’Нил во интервју за „Билд“.
Според еден од најдоминантните центри во историјата на кошарката, Американците нема да имаат толку многу квалитетни играчи како што беше на Игрите во Париз од пред неколку месеци.
„Леброн Џејмс веќе нема да игра. Веројатно нема да играат ниту Кевин Дурант и Стеф Кари. Не гледам дека момците кои доаѓаат може да ја продолжат доминацијата. Европските селекции се многу добри. Србија, Хрватска, Германија се тимови кои може да го освојат златото на ЛОИ 2028“, предвидува О’Нил.
Запрашан за тоа кој е најдобар кошаркар во историјата, О’Нил имаше свој фаворит.
„Би рекол дека е Мајкл Џордан, но сепак треба да се земат предвид различните ери на кошарката. Кога јас растев, тоа беше Карим Абдул-Џабар. Кога бев на факултет, сите зборуваа за Меџик Џонсон и Лери Бирд. Потоа доминираше Џордан, па следуваше времето на Коби Брајант и Леброн Џејмс. Сепак, за мене најдобар на сите времиња е Мајкл Џордан“, заврши О’Нил.