Новак Ѓоковиќ не е познат само по своите блескави игри на тенискиот терен, туку и по неговата активност надвор од него. Србинот е познат како еден од најголемите борци за правата на тенисерите, па затоа и го формираше синдикатот на играчи ПТПА. Популарниот Ноле сега планира да оди чекор напред.
Рекордерот по бројот на освоени гранслем-титули ангажира адвокатски тим и ќе започне борба против нешто што играчите веќе подолго време го посочуваат како проблем.
„ПТПА ангажира неколку светски адвокатски фирми кои треба да ни помогнат да се промени целосната структура на тенисот. Главната поента на оваа акција е во тоа дека просечните тенисери премногу работат, а имаат премала заработувачка во однос на стандардите на овој планетарно популарен спорт. Револуцијата мора да започне одвнатре“, пишува британскиот „Телеграф“.
Според последните наоди, тенисот е вториот најгледан спорт во светот, веднаш по фудбалот, но според заработувачката, се наоѓа на деветото место. Проблем претставува и пренатрупаниот календар и краткото време за одмор меѓу две сезони. Според календарот, тениската сезона завршува на средината од ноември, а веќе следниот месец започнува новата сезона, па тоа е премалку време за одмор.