Летонија не треба да ни биде проблем, ако самите не си го направиме

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска (18 часот) во Рига ќе го има третиот предизвик во циклусот за Лигата на нации. Во сегментот од групата Ц, нашиот национален тим пред октомвриските дуели се наоѓа на првото место, и јасна е определбата на селекторот Благоја Милевски и на фудбалерите, да ја задржат таа позиција и по гостувањата кај Летонија и кај Ерменија.


Со Летонците имаме убави спомени од минатото, резултатски секогаш сме поминувале според нашите желби, а тоа значи и дека сме знаеле да ја оправдаме фаворитската улога на теренот. Таква е намерата на Македонија и за овој денешен дуел во Рига, на стадионот на Сконто.


„Имаме максимален респект за Летонија, тоа е селекција која несомнено поседува квалитет и игра особено добро на домашен терен. Но, ние сме фокусирани на нашето и издание и на нашата игра, затоа што уште еднаш сакам да потенцирам дека Македонија е селекцијата која во оваа група ќе се прашува за изгледот на позициите на табелата и за првото место, кое е нашата цел. Имаме проблеми со суспензии и со повреди, тоа е веќе јасно, но јас верувам во оваа група фудбалери и сигурен сум дека сите ќе го дадат максимумот и дека ќе успееме да ја потврдиме фаворитската улога. Со правилен пристап, со потребниот фокус, дисциплината во играта и секако голема желба за победа, знаеме дека можеме да ја оствариме целта“, изјави селекторот Благоја Милевски.


Капитенот Енис Барди најавува жестока борба за трите бода. Тој пред пет години беше стрелец на еден од двата гола во триумфот од 0-2, па не би имал ништо против за сличен развој на настаните.


„Како и секогаш, одговорноста е кај сите нас. Јас ќе го дадам својот максимум, па дај Боже да биде како пред пет години. Помина грипот, добро се чувствувам и максимално сум подготвен за настап. Кога играте под притисок за докажување, секогаш вадите од себе максимален квалитет. Притисокот треба секогаш да го чувствуваме и треба да најдеме начин да го дадеме најдоброто од себе“, истакна Енис Барди.


Натпреварот меѓу Летонија и Македонија се игра вечерва од 18 часот на стадионот на Сконто Рига, се очекуваат околу 6.000 гледачи на трибините, а главен судија е Јакоб Сундберг од Данска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести