Фудбалската репрезентација на Македонија ја победи Летонија на гости во Рига со 0-3, во третиот меч од групата Ц од Лигата на нации. Стрелци на головите бееа Јани Атанасов во 35-тата минута, Лирим Ќамили во 70-тата минута и Елиф Елмас во 90-тата минута од дуелот.
Тоа е втор триумф во низа за нашиот национален тим, кој сега пред себе ќе има уште еден предизвик, гостувањето против Ерменија во ереван за три дена.
Македонија ја имаше контролата над топката во почетниот период, а Летонците се обидуваа преку противнапади да го загрозат голот на Столе Димитриевски.
Летонија прва се закани, во 13-тата минута, кога Јанис Икауниекс упати удар со глава од осум метри, но заврши крај дирекот.
Во 24-тата минута Јани Атанасов се одлучи на удар од далечина, но неговиот шут заврши над голот.
Многу посериозен беше ударот на капитенот Енис Барди две минути подоцна, но топката за малку мина над гредата од летонскиот гол.
Третиот шут на Македонија беше во рамките на голот, во 30-тата минута. Повторно се обиде Јани Атанасов, но Матревикс беше на вистинското место и одбрани.
Тој што имаше најмногу обиди, на крајот и постигна гол. Во 35-тата минута, по една одлична акција во која учествуваше и Бојан Миовски, играчот за врска Јани Атанасов го откри резултатот и донесе водство (0-1) за Македонија.
Во финишот од првиот дел, Столе Димитриевски имаше две одлични интервенции и на одмор се замина со предност за Македонија.
Македонија продолжи со добра игра и во второто полувреме. Давид Бабунски во 55-тата минута со полуволеј се закани од 25 метри, но директно во противничкиот голман.
Во 70-тата минута, Македонија поведе со 0-2. Асистент беше голманот Столе Димитриевски, кој со долг дегажман го проигра Лирим Ќамили, а нововлезениот напаѓач на одличен начин ја затресе мрежата на Летонците.
Во 90-тата минута, и Елиф Елмас ја погоди мрежата на Летонија за конечни 0-3.
Одличен натпревар за Македонија, мрежата на Столе Димитриевски остана да мирува, а нашите фудбалери постигнаа три гола за триумф во Рига. Сега на ред е гостувањето во Ереван и дуелот против Ерменија, која е и нашиот најголем конкурент за првото место во групата.
ЛИГА НАЦИИ, ГРУПА Ц
ЛЕТОНИЈА – МАКЕДОНИЈА 0-3 (0-1)
Стадион на Сконто Рига. Гледачи: 6.000. Судија: Јаков Сундберг (Данска). Стрелец: Атанасов 35’, Ќамили 70 ‘, Елмас 90′ (Македонија). Ж. Картони: Циганикс (Летонија), Димоски (Македонија).
ЛЕТОНИЈА: Матревикс, Јурковскис, Балодис, Тоберс, Јагодинскис (71’ Улдрикис), Циганикс, Савељевс (82′ Вапне), Зеленковс (82′ Даскевикс), Варславанс, Икауниекс, Гутковскис (17’ Ситс).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ашковски (55’ Димоски), Манев, Муслиу (55’ Костадинов), Алиоски (66’ Ќамили), Алими, Атанасов, Барди, Д. Бабунски (М. Ристовски), Елмас, Миовски (85′ Д.Велковски).