Ливерпул како лидер на табелата во Премиер лигата го пречекува Челзи во дербито на осмото коло на Премиер лигата. Екипата од Енфилд роуд ја има најдобрата одбрана и досега има примено само два гола, но факт е дека Челзи игра многу офанзивно и во просек погодува повеќе од два пати, па може да се очекува интересен и меч со многу погодоци.
Освен за тактиката и за противникот, тренерот на Ливерпул, Арне Слот зборуваше и за времето кога неговиот тим игра во домашното првенство, па мораше да објаснува како претходно зборувал дека му одговара да играат во пладневниот термин од 13:30 часот, а сега се жали за тој термин.
Ливерпул во последното коло го победи Кристал Палас со 1:0 на гости, но тогаш се повреди голманот Алисон Бекер, кој ќе паузира околу 6-7 недели. Тој меч против Кристал палас се играше само 63 часа откако Ливерпул играше против Болоња во Лигата на шампиони, во 13:30 часот во сабота, а пред тој дуел Слот рече.
„Ако 13:30 е тешко време за почеток за играње, тогаш веројатно сум глупав тренер затоа што ние редовно тренираме во 13:00 часот“, рече тогаш Слот, кој сега, пред мечот против Челзи мораше да се дообјаснува.
„Се шушкаше дека реков дека не ми пречи ако играме со почеток од 13:30, бидејќи тренираме во тој термин. Да, така е, но она што треба да го земат предвид Фудбалската асоцијација (ФА) и Премиер лигата е дека е неповолна положба да се игра од 13:30 часот во сабота, ако сте играле во Лигата на шампионите во среда навечер. Тогаш навистина постои сериозен ризик од повреда“, објасни Слот.