Баер Леверкузен киксираше и одигра само 2:2 на гостувањето кај Вердер во Бремен во натпревар од осмото коло на Бундеслигата. По ова реми актуелниот германски првак има 15 бодови и сега заостанува пет бода зад лидерот Лајпциг.
Најдобриот напаѓач на Баер сезонава, Виктор Бонифејс стигна до шестиот погодок, откако беше прецизен во 30 минута, па гостите со предност заминаа на полувремето.
Во вториот дел беше мирно се до 15-тина минути пред крајот. Најпрво Вердер даде гол за 1:1, но само неколку минути подоцна следуваше автогол на Агу и Баер Леверкузен повторно ја врати предноста во своја корист, овојпат со 2:1.
Сепак тоа не беше крајот. Се играше 90 минута кога Шмид погоди за голема радост на навивачите на Вердер, поставувајќи ги конечните 2:2. Вистинска реткост е Баер да прими гол во последните минути од мечот. Фармацевтите во изминатата сезона беа препознатливи по тоа дека никогаш не се предаваат, па многу често стигнуваа до победа, токку со погодоци постигнати во 90+ минутите.