Дончиќ е незадржлив, а кога е така, Далас најчесто лесно победува (Видео)

Три меча беа одиграни во текот на ноќта во НБА-лигата, а на победи се радуваа Далас, Атланта и Детроит. Пред своите навивачи Далас немаше проблеми во дуелот против Орландо и славеше со убедливи 108:85, а очекувано најдобар на теренот беше Лука Дончиќ.

Словенецот заврши со учинок од 32 поени, девет скока и седум асистенции, додека на спротивната страна најефикасен беше Франц Вагнер само со 13 поени. За Далас ова е четврта победа сезонава, а клучна беше серијата кога негативата од 17:20 ја претворија во убедлива позитива од 60:31 и тука беа решени сите дилеми околу победникот.

Детроит стигна до втората победа сезонава, и тоа на гостински терен кај Бруклин со 106:92. Ова беше тимска победа на Детроит, а тоа го потврдува и фактот дека сите петмина стартери имаа двоцифрен број поени, а Малик Бисли, кој беше резерва, додаде 18 поени.

На гости се радуваше и Атланта, која одигра одлично прво полувреме во кое водеше со 17 разлика на теренот на Њу Орлеанс. Во вториот дел гостите ја одржуваа предноста и на крајот се радуваа со резултат 126:111.

Џелен Џонсон со 29 поени, девет скока и осум асистенции беше предводник во победничкиот тим, а Тре Јанг заврши со 23 поени и 12 асистенции. Кај Њу Орлеанс прв стрелец беше Брендон Инграм со 32 поени и седум скока.

- Оглас -

Најнови вести