Подшарпланинското село Вратница, општина Јегуновце, по пауза од 20-тина години повторно има свој фудбалски клуб. Хајдук Вратница, клуб формиран пред Втората светска војна, односно во 1937 година, повторно се натпреварува во лига-системот, и тоа, пред сè, благодарение на неколку ентузијасти кои го обновија клубот.
Во годините пред Втората светска војна, вратнички Хајдук, заедно со тетовските Љуботен и Бистрица, како и Бистрица од Теарце се клубовите кои се натпреваруваат во тетовската зона, но имаат и големо ривалство помеѓу себе. Во поранешна СФР Југославија, Хајдук се натпреварува во ниските лиги, а еден од најголемите успеси го има во 1996, година кога е шампион на Општинската лига Тетово, каде што се натпрварува и денес.
„Идејата е да го вратиме сјајот на овој клуб што го имал во минатото, како и да изградиме здрави општествени и социјални навики кај населението во овој крај. Во моментов финансиски е многу тешко да се одржува еден клуб. Буџетот го формираме со донации од нашите исселеници во САД и Европа кои сакаат да помогнат и да го поддржат овој општествено значаен проект за овој крај. Се надевам дека во иднина ќе препознаат општествена одговорност и други компании од овој крај, но очекуваме помош и од општина Јегуновце“, вели претседателот на Хајдук Вратница, Илија Деспотовски.
За тренер на обновениот клуб е поставен Дејан Савески, кој во минатото ги предводеше тетовските Љуботен и Тетекс, а беше тренер и на ЖФК Љуботен.
„Во моментов најважно ни е да ги поставиме темелите, клубот да функционира на спортски план како што доликува. Подготовките ги извршуваме на теренот во Беловиште, кој е на идеална местоположба, додека техничко-тактичките тренинзи ги одржуваме на теренот со вештачка трева во Тетово. Резултатите оваа полусезона не ни се во преден план, најважно е да ги поставиме темелите и да изградиме култура во функционирањето на овој клуб. Амбициите се во наредните три сезони да се пласираме во Третата лига, како и да учествуваме во Купот на Македонија, но ние одиме чекор по чекор, сакаме да ги минимизираме грешките и да се фокусираме на квалитетот“, рече тренерот на Хајдук Вратница, Дејан Савески.
Селото Вратница во моментов нема свој фудбалски стадион иако во минатото постоел, па Хајдук е принуден своите домашни натпревари да ги игра на теренот во Теарце.