Мајк Тајсон (58) продолжува со подготовките за мечот против јутјуберот Џејк Пол (27), кој ќе се одржи на 15 ноември во Тексас. Иако и двајцата борци не се на врвот на спортот, постои голем интерес за мечот, кој секојдневно се рекламира на телевизии и поткасти.
Во поткастот на Андре Ворд, поранешен боксер, Тајсон сподели приказна за времето кога беше во затвор во раните деведесетти години.
„Во затвор отидов со 15 милиони долари на сметка. Кога излегов, имав помеѓу 300 и 400 милиони долари. Дон Кинг и неговата екипа постојано доаѓаа и ми носеа договори кои ги потпишував и веднаш заработував сериозни пари“, рече Тајсон.
Се работеше за различни спонзорски, промотерски и договори за ТВ-права од оние кои со нетрпение го чекаа неговото враќање во рингот и му нудеа големи суми за да добијат права на неговото име и бренд.
Неговиот прв меч по излегувањето од затвор, „Железниот Мајк“ го имаше во август 1995 година против Питер Мекнили и според американските медиуми, за тој меч заработил меѓу 20 и 30 милиони долари само од борбата.
Тајсон беше осуден во 1992 година на шест години затвор поради силување што го извршил една година претходно. Во тоа време, како 25-годишна светска спортска ѕвезда ја силувал 18-годишната манекенка Дезире Вашингтон.
На Тајсон му се закануваше казна до 63 години затвор, но по одредени точки од обвинението беше ослободен. По издржување на половина од казната, односно три години, беше ослободен. До крајот на кариерата имаше уште 16 меча, но со многу помал успех.