МЗТ Скопје Аеродром повторно загуби минимално, овојпат на гости кај Хелиос со 68:67. За македонскиот првак ова е трет пораз во четири кола од АБА 2 лигата и сега има само теоретски шанси да се пласира на едно од првите две места на табелата. Хелиос останува перфектен со четири победи.
Мечот започна израмнето и во првата четвртина двете екипи се менуваа во водство, па по првите 10 минути Хелиос имаше еден поен предност (16:15). Втората четвртина целосно им припадна на домаќините, кои само за неколку минути игра стигнаа и до првата двоцифрена предност, 30:19, а на полувреме Хелиос замина со највисоки 13 поени позитива (39:26).
Во третата четвртина кошаркарите на македонскиот првак се „разбудија“. Аеродромци започнаа одлично и со серија од 13:0 во првите четири минути стигнаа до 39:39, а потоа Хелиос прво постигна тројка, а потоа реализираше уште еден напад за 45:39.
Во последната четвртина двете екипи се менуваа во водство, а на пет минути до крајот резултатот беше 58:58, а потоа и 64:64 на две минути пред крајот.
Потоа МЗТ даде тројка за водство од 67:64, а Хелиос намали на 67:66. МЗТ беше во напад кога Дион Едвин направи неспортски фаул на 28,3 секунди до крајот, па следуваа две слободни фрлања за домаќините и топка од страна.
Погодени беа двете слободни фрлања за водство од 68:67, а МЗТ го имаше последниот напад, но Сретен Кнежевиќ го блокира шутот на Брендон Слајд и победата остана за домаќините.
Едвин со 16 поени и Слај со 15 беа најпрецизни кај МЗТ и единствени со двоцифрен број на поени. Кај Хелиос прв стрелец беше Кнежевиќ со 16 поени, а Махкович постигна 14 поени.