Екипата на Ливерпул во фантастична атмосфера на „Енфилд роуд“ дојде до победата над Баер Леверкузен со убедливи 4-0. За тренерот на Фармацевтите, Чаби Алонсо, тоа беше враќање на стадионот каде што настапуваше како фудбалер.
„Многу работи можеме да објасниме, но како да се контролираш во ваква атмосфера која ја прават навивачите на Ливерпул. Знам дека фудбалерите тоа го чувствуваат. Тоа е дополнителна сила, кога фудбалерите чувствуваат дека имаат таква поддршка“, рече Чаби Алонсо.
Сепак, не се сите воодушевени од атмосферата на „Енфилд роуд“. Навивачите на Баер Леверкузен обвинуваат дека бучава се прави на вештачки начин.
„Атмосферата на „Енфилд“ е 100% засилена со звучници. Нереално бучно. Тоа е голем срам“, вели еден навивач на германската екипа.
Со него се согласува и друг навивач, кој има сличен коментар.
„Тоа веднаш го сфатив. Апсурдно е колку е гласно. Нема никаква природа во тоа“, додава тој.
Вакви обвинувања имало и од други екипи и навивачки групи кои тврделе дека покрај теренот се поставени звучници, но досега никој не понудил доказ за тоа.