Кливленд кавалирс не запира, ја извојува и 12-тата победа на 12-тиот натпревар сезонава во НБА-лигата.
Овојпат жртва на Коњаниците беше Чикаго булс, кого го совладаа со 119-113, а прв стрелец беше Донован Мичел со 36 поени. Кливленд е осми тим во историјата на НБА кој сезонава стартувал со скор 12-0. Вакво нешто немаа ни кога Леброн Џејмс играше за нив. Рекордот на лигата го држи Голден стејт, кој во 2015/2016 имаше 24-0, но таа сезона Вориорс не стана првак, во големото финале загуби токму од Кливленд, за кого тогаш играше Џејмс.
Наредниот меч на Кливленд е против Филаделфија и ако Кавалирс победат, тоа ќе биде изедначување на клупскиот рекорд од 13 победи по ред. Од тимовите кои почнале сезона со 12-0 или подобро, само два на крајот станале прваци во таа сезона.
Шај Гилџиус-Александер со личен рекорд од 45 поени го предводеше Оклахома сити тандер во победата над ЛА клиперс од 134-128. Виктор Вембањама со 34 поени и 14 скока придонесе за триумфот на Сан Антонио против Сакраменто од 116-96. Французинот погоди шест тројки, што е негов личен рекорд.
Од европските кошаркари одлична партија имаше и Турчинот Алперен Шенѓун, кој со 27 поени и 17 скока го предводеше Хјустон против Вашингтон во триумфот на Рокитс од 107-92.
Најнеизвесно беше во Њу Орлеанс, каде што Бруклин славеше со 107-105. За Пеликанс ова беше петти пораз едноподруго.
Spida is still spinning.
Cavs are still winning. https://t.co/SVDO1C0peO pic.twitter.com/9r1XpjoNV1— NBA (@NBA) November 12, 2024