Репрезентацијата на Парагвај со 2:1 славеше над Аргентина во меч од јужноамериканските квалификации за пласман на Светското првенство во 2026 година. Триумфот на Парагвај има поголемо значење ако се знае дека Аргентина водеше со 1:0, но домашните фудбалери направија пресврт за голема радост на навивачите на стадионот во Асунсион.
Лаутаро Мартинес погоди за водство на Аргентина во 11-тата минута, но многу брзо, односно во 19-тата минута, Парагвај израмни, и тоа на атрактивен начин. По едно нафрлување, Антонио Санабрија на спектакуларен начин со „ножички“ успеа да израмни на 1:1.
На почетокот на второто полувреме беше комплетиран пресвртот кога Алдерете погоди со глава за 2:1. До крајот на средбата, Гаучосите се обидуваа да израмнат, но Парагвај одлично се бранеше и стигна до победа.
По некомплетно 11-то коло во овие квалификации, Аргентина е лидер со 22 бода, а потоа следуваат Колумбија со 19, Бразил 17, Уругвај 16, Еквадор 16, Парагвај 16, Венецуела 12…