Вакво чудо досега немало: Беа на стадион, а пред нив наместо теренот, имаше бина и мечот за титулата го гледаа на ТВ

Навивачите доаѓаат на трибините на стадионите за да може во живо да го проследат мечот и да бидат дел од атмосферата која се создава, но тоа што се случи во Бразил никогаш претходно не е забележано во фудбалот.

Палмеирас го дочека Ботафого во дуел на две екипи кои се борат за титулата во бразилското првенство. Двата тима имаа по 70 бодови на првите две места, што значи дека фановите со посебен интерес ја чекаа оваа пресметка. На крајот гостите победија со 3:1 и Ботафого сега е лидер со 73 бода, што значи дека само на две кола до крајот на шампионатот се многу блиску до титулата.

Конечниот резултат не беше единственото нешто што ги разочара фановите на Палмеирас. Целата трибина која е зад едниот гол буквално беше отсечена од стадионот, а навивачите кои беа таму сместени немаа можност да гледаат што се случува на теренот.

Буквално пред трибината имаше монтирано голема бина, како подготовка за музичкиот концертот на една бразилска пејачка кој се подготвува за вечерва. Поради бината, навивачите мораа да го гледаат мечот преку телевизиски видео бим.

Навивачите кои беа на таа трибина иако беа на стадионот и само на неколку десетина метри од случувањата на теренот, не можеа да ги следат возбудувањата во реално време. За да ја намали штетата, домаќинот Палмеирас на фановите кои имаа билети за таа трибина им понуди бесплатен влез.

- Оглас -

Најнови вести