Менаџерот на Тотенхем, Анге Постекоглу, потврди дека голманот Гиљелмо Викарио ќе отсуствува неколку месеци поради скршеница на зглобот на ногата. Викарио се повреди за време на победата од 0-4 против Манчестер сити, но покрај скршениот зглоб, остана на теренот и одигра повеќе од 60 минути во таква состојба.
„Видовме дека е повреден, чувствуваше болка на полувремето, но немаше дилеми дека ќе продолжи да игра. Тоа многу кажува за неговиот карактер. Тој е цврст и издржлив. За нас ова е голем удар, но веќе сме се соочувале со вакви ситуации и ќе се справиме и со оваа“, изјави Постекоглу.
Италијанскиот голман, кој пристигна во Тотенхем од Емполи во јуни минатата година, пропуштил само четири натпревари досега и ниту еден во Премиер лигата.
„Фактот дека одигра повеќе од 60 минути на тоа ниво со скршен зглоб е навистина неверојатен. Тоа беше извонреден настап, еден од оние што влегуваат во клупските книги“, додаде менаџерот на Тотенхем.
Неговиот заменик, Фрејзер Форстер, веќе го замени Викарио на четири натпревари. Постекоглу му изрази целосна доверба и исклучи можност за доведување нов голман.
„Тоа нема да се случи. Не верувам дека доведувањето слободен играч сега ќе ни помогне. Фрејзер го познавам долго време. Тој е силен карактер во нашиот тим и секогаш е подготвен за настап“, истакна Постекоглу.
Тотенхем вечерва ќе ја пречека Рома во натпревар од Лигата на Европа.