Англискиот премиерлигаш Челзи во следните триесетина дена нема да може да смета на услугите на капитенот Рис Џејмс. Десниот бек се повреди, а по деталните прегледи потврдено е дека има истегнување на мускулот и ќе мора да паузира четири недели.
Џејмс нема среќа со повредите, а сезонава одигра само четири натпревари.
„Мислам дека е најдобро за неговиот случај да не коментираме многу. Колку повеќе зборуваме за тоа, толку повеќе расте притисокот врз него“, рече тренерот на Челзи, Енцо Мареска.
Челзи сезонава игра добро во Премиер лигата и по 12 кола е на третото место на табелата со 22 бода, само еден помалку од второпласираниот Манчестер сити, додека лидерот Ливерпул има 31 бодови.
Следен ривал на тимот од Лондон е Астон вила, а дуелот ќе се игра на 1 декември на „Стемфорд бриџ“.