Светското ракометно првенство во Хрватска е последно големо натпреварување на кое како претседател на Ракометната федерација на Македонија е Живко Мукаетов. Во март завршува мандатот на Мукаетов, а тој од претходно најави дека си заминува.
Со Мукаетов на чело, македонската ракометна репрезентација не прошушти ниту едно големо натпреварување, а првиот човек на РФМ со објава на социјалната мрежа Фејсбук испрати порака.
„На ова Светско првенство, македонските ракометари, селекторот Лазаров и целиот стручен штаб имаат тешка задача: Да потврдиме уште еднаш дека ние Македонците знаеме и можеме квалитетоно и рамноправно да се носиме рамо до рамо и со најдобрите.
Смената на генерацијата беше тежок и напорен процес, исто како и патот по кој се чекори и во континуитет се гради оваа репрезентација.
После веќе 12 години мандат во РФМ, со задоволство можам да кажам дека оставаме светол сигнал на патот за идните млади ракометни генерации.
Да покажеме доблест и достоинство!
За кого? За Македонија!“