Филип Кузмановски е вистински предводник на Македонија на Светското првенство во Хрватска. Против Гвинеја Кузмановски едноставно беше незадржлив и беше најдобар на теренот со дури 12 голови.
Популарниот Фитиљ вели дека Македонија треба да продолжи чекор по чекор и со добра анализа на секој од наредните ривали, има шанси да се донесат и нови радости за нашите навивачи.
„Среќни сме за денешната победа над Гвинеја. Ова е награда за напорната работа што ја имавме пред првенството, на подготовките. Сите знаеме колку беше тешко да се пласираме на овој турнир. Ја поминавме групната фаза, но тука нема да застанеме. Оваа Македонија е борбена, ветувам дека во следната фаза ќе одиме чекор по чекор, добро ќе анализираме“, рече Кузмановски веднаш по победата над Гвинеја.
Кузмановски имаше само пофални зборови како за навивачите кои даваат голема поддршка од трибините, така и за сите ракометари кои лавовски се борат на секој натпревар.
„Доволна мотивација е што сме на СП. Тука сме како да играме на домашен терен, пред полни трибини со наши навивачи. Се подготвуваме чекор по чекор, прво против Австрија, потоа против Катар и на крајот со Франција. Тактички сме добро подготвени и тоа го покажавме во досегашните три меча. Покажавме дека знаеме што правиме. Сите момци гинат за националниот дрес. Покажаа како треба да се бори за Македонија“, рече Кузмановски.