Кристијано Роналдо си го одржа ветувањето. Пред реванш-мечот против Атлетико Мадрид најави дека Јувентус е способен да победи со 3-0 и да оди понатаму, а на теренот Роналдо покажа дека сам може да ја заврши таа работа. Португалецот даде хет-трик за делириум во Торино и кај сите навивачи на Јувентус.
Со овој хет-трик, Роналдо стигна до осум вакви постигнувања на мечеви од Лигата на шампиони и со тоа успеа да се израмни со Лионел Меси, кој беше рекордер во оваа статистичка категорија. Едноставно, со секој нареден меч ривалството меѓу Роналдо и Меси продолжува, а Кристијано покажа зошто е најдобар стрелец во историјата на ЛШ.