Почнува продажбата на билети за финалето во ЛШ, цените од 70 до 600 евра

Доколку сакате да присуствувате на финалето во Лигата на шампионите на први јуни во Мадрид, од овој момент можете да се обидете да дојдете до билет. УЕФА објави дека денеска, во 14 часот почнува продажбата на билетите и ќе трае до 21 март во 14 часот.

Има четири категории на билети за спектаклот на „Ванда Метрополитано“, а засега до влезница може да се дојде само преку интернет-страницата на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА). Најевтините билети ќе чинат 70 евра, најскапите се 600, а има и места за кои треба да се платат 160 и 450 евра. Има одредени попусти за деца до 14 години кои би биле во придружба на возрасно лице, како и за луѓе со посебни потреби.

Капацитетот на стадионот е 63.500 места. Двата финалисти ќе добијат по 17.000 билети, додека само 4.000 ќе бидат за останатите и неутралните кои ќе се обидат преку интернет-лотаријата, што значи дека 38.000 билети се за фановите, додека останатите се за организацискиот комитет, УЕФА, националните федерации, спонзорите и лицата од радиодифузерите. Нема да биде доволно само да се регистрирате и аплицирате за билет. На петти април ќе се знае кои се среќните добитници. Едно лице може да купи најмногу два билети.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести