Солари за малку ќе го избркаше, а Зидан му забранува да си оди од Реал

Зинедин Зидан се врати во Реал Мадрид и стартуваше со победа над Селта Виго од 2-0. На тој меч, популарниот Зизу направи неколку интересни промени во стартниот тим. Меѓу стартерите повторно ги врати голманот Кејлор Навас, како и дефанзивецот Марсело и шпанскиот репрезентативец Иско.

Марсело е еден од најдолговечните играчи во Реал Мадрид. Бразилскиот бранител ја игра една од најтешките сезони откако во 2007 година од Рома дојде во Мадрид. Марсело ја загуби позицијата на стартен бек откако претходникот на Зидан, Сантијаго Солари реши да го форсира Серхио Регилон.

Поради тоа што почесто беше на клупата за резерви, Марсело започна да размислува за заминување. Се шпекулираше дека тој ќе отиде во Јувентус, каде што игра неговиот пријател Кристијано Роналдо. Сепак, со враќањето на Зидан, ситуацијата се промени.

Бразилскиот дефанзивец ги одигра сите 90 минути, што беше само трет ваков меч за него во 2019 година. Со овој потег Зидан јасно му порача на Марсело дека не смее да си оди од клубот, дури дека на него смета и за следната сезона. Бразилецот има одиграно речиси 500 меча за Кралскиот клуб во сите натпреварувања и се радувал на многу пехари, од кои највредни се четирите титули во Лигата на шампионите, четирите трофеи во Примера дивисион, како и двете титули во Купот Шпанија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести