МЗТ водеше само една секунда против Спарс и на крајот победи!

МЗТ Скопје Аеродром на неверојатен начин стигна до победа на гостувањето кај Спарс Сараево во првиот меч од полуфиналето од плејофот во АБА 2 лигата. Лестер Медфорд е херојот на Аеродромци откако ги постигна поените за триумф од 71:70 на една секунда до крајот. Интересно е тоа што ова беше и прво водство на МЗТ во текот на целиот меч.

По оваа победа, МЗТ сега ќе има шанса на свој терен в недела да стигне до 2-0 во серијата и да се избори за финале во плејофот од АБА 2 лигата.

Медфорд на крајот заврши со 13 поени, колку што имаа и Симоновски и Иванов кај МЗТ, додека Самарџиски имаше дабл-дабл со 12 поени и 11 скока.

ОЧАЈНО ЗАПОЧНАА, МАЕСТРАЛНО ЗАВРШИЈА

МЗТ очајно го почна мечот, па во шестата минута губеше со 11:2, а по првите 10 минути Спарс веќе имаа и 10 поени предност 19:9. Македонскиот тим во 15-тата минута стигна само на еден поен негатива 24:23, но тука и застана.

Спарс со добра игра во нападот, во следните пет минути успеа да направи огромна предност од 42:27, што беше и резултат на полувремето. Кенан Камењаш беше одличен кај домаќините во првиот дел, кога успеа да направи дабл-дабл со 12 поени и 10 скока.

ДОКАЗ ДЕКА НЕ СМЕЕ ДА ИМА ПРЕДАВАЊЕ ДО КРАЈ

Конечно добра игра на МЗТ видовме во третата четвртина, па затоа во 28-мата минута на семафорот стоеше нерешено 53:53. Сепак, Спарс повторно не дозволи гостите да поведат, па во решавачките 10 минути влегоа со предност од 56:53. МЗТ повторно бркаше негатива и повторно веќе видена ситуација.

Во 36-тата минута, МЗТ стигна до реми (62:62), но веднаш потоа домаќинот со серија од 6:0 дојде до солидна предност на две и пол минути до крајот. Сепак, МЗТ не се предаде и во неверојатна завршница успеа да стигне до првото водство, а со тоа и до победа на гости кај Спарс Сараево.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

1 КОМЕНТАР

Коментарите се затворени.

- Оглас -

Најнови вести