Кочов: Овие играчи гинат за МЗТ

По триумфот над Борац, тренерот на МЗТ Скопје го пофали карактерот на неговите играчи и играта во одбрана, а посака во иднина на трибините да има уште повеќе публика и атмосферата да биде како во времето кога тој го носеше дресот на МЗТ.

„Игравме против многу цврст ривал, но одбраната ни беше одлична. Примивме само 57 поени, 54 да не беше тројката во последната секунда. Го правевме она што го работиме на тренинг. Благодарност до навивачите, тие ценат борбеност и пожртвуваност, макар и да се загуби. Се надевам дека ќе се врати публиката. Лигата е силна, ова е само втор меч, но титулата ќе пробаме да ја зграпчиме со две раце. Не сакав да ризикувам со Симоновски, кој има повреда. Иванов со свиткана нога играше цело полувреме, и тоа кажува за карактерот. Овие играчи гинат за клубот“, рече Кочов.

„Сите игравме добро, и стартерите и резервите. Во втората и третата четвртина се одлепивме, и потоа беше полесно“, рече Лестер Медфорд.

„Морам да му честитам на МЗТ, кој апсолутно заслужи победа. Знаев дека Скопје не е терен на кој ќе се вадиме за поразот во првото коло, но разочаран сум од играта. Немавме доволно енергија, бековите направија само еден фаул, а дозволивме да примиме многу лесни поени и потоа тешко е да се вратиш по негатива од 15 поени. Лигата е појака од лани, ни фали важен играч, па мораме да импровизираме и да го поправиме пропуштеното. Атмосферата беше убава, мило ми е што Скопје доби ваква сала, тоа е предуслов за развој на играчи“, рече тренерот на Борац, Јовица Арсиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести