Кардиф во минатото коло загуби на домашен терен од Челзи со 1-2. „Сините птици“ го имаа резултатот во своја корист до 85-тата минута, а потоа гостите од Лондон израмнија со контроверзен гол од офсајд, за трите бода да ги освојат во завршните минути од мечот.
Менаџерот на Кардиф, Нил Ворнок, никако не можеше да се помири со фактот дека помошниот судија не виде дека Аспиликуета е во недозволена позиција при израмнувачкиот гол, а по самиот меч, со еден потег Ворнок стана хит во Англија.
Следен президвик за Кардиф е гостување кај шампионот Манчестер сити, а Ворнок се закани дека на тој меч ќе излезе со резервниот состав, односно ќе им даде предност на помладите играчи бидејќи поважно му е кој ќе го држи знаменцето, односно свирчето на тој меч.
„Не е важно со кој тим ќе излеземе на теренот, важно е кој ќе го држи знаменцето, а кој ќе свири со свирчето во текот на 90 минути. Константно добиваме тешки удари, но знаеме и да возвратиме. Против Сити најверојатно ќе излеземе на теренот со резервниот тим, а ќе се подготвуваме за следниот дуел со Барнли“, истакна Ворнок.
Доколку Ворнок навистина одлучи да им даде шанса на младинците, тоа значи дека „граѓаните“ и предвреме може да запишат три бода, а и да играат најдобрите играчи на Кардиф, Сити секако е апсолутен фаворит во овој дуел. Двете екипи водат различна битка, Сити за шампионска титула, Кардиф за опстанок.
До крајот остануваат шест натпревари, Манчестер сити e два бода зад лидерот Ливерпул, додека Кардиф засега се наоѓа во зоната за испаѓање со 28 бода, пет помалку од Барнли. Дуелот Сити- Кардиф е предвиден за утре, со почеток од 20:45 часот.