МЗТ Скопје Аеродром славеше во Задар и сега е на една победа од враќање во елитата на АБА

МЗТ Скопје Аеродром е само на еден чекор од враќање во АБА 1 лигата. Аеродромци попладнево славеа на гости кај Задар со 89:83 и поведоа со 1:0 во плејофот, кој се игра во две добиени средби. Првата меч-топка МЗТ ќе ја има на свој терен во „Јане Сандански“, на 23 април (вторник).

Задар поведе со 3:0 на почетокот на средбата, а тоа беше прво, но и последно водство за домаќините. Следеше серија од 10:0 за МЗТ, а веќе во 9-тата минута, предноста за нашиот тим беше 28:13. Играчите на МЗТ и во втората четвртина продолжија со добра игра и повторно ја добија убедливо, па на полувреме „штрковите“ имаа водство од 57:36.

Во 27-мата минута, МЗТ водеше со 72:47 и се мислеше дека сè е готово бидејќи предност од 25 поени на 13 минути до крајот е одлична предност. Сепак, Задар не се предаде, а играчите на МЗТ како да застанаа. Домаќините стигнаа до 82:87, но тоа беше во последната минута од мечот, кога беше јасно дека МЗТ Скопје ќе направи брејк.

Најефикасен кај МЗТ Скопје Аеродром беше Бојиќ со 24 поени, а имаше и осум скока и три асистенции. Вудард додаде 22 поени, а со двоцифрен број поени беа и Иванов со 19 поени и Медфорд со 13 поени. Кај Задар најефикасен беше Божиќ со 19 поени, а имаше и 10 скока и осум асистенции.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести