Оливие Жиру по сите изгледи ќе остане во редовите на Челзи уште една сезона. Иако беше најавено дека искусниот француски напаѓач ќе го напушти Лондон по крајот на оваа сезона, работите се сменија откако Сините добија забрана за купување нови играчи. На Жиру му истекува актуелниот договор кон крајот на јуни, но како што информираат англиските медиуми, Челзи денес треба да соошти дека е постигната нова соработка на 12 месеци.
Знаејќи дека може да останат без многу избор во нападот, клубот го убеди Жиру да остане, иако тој имаше план да се врати во Франција. Корпулентниот голгетер беше незадоволен што менаџерот Мауриси Сари го ставаше во втор план – Мората добиваше шанса во првиот дел од сезоната, додека Игуаин дојде во јануари, па така тој изрази желба да го напушти „Стемфорд бриџ“.
Бордо, Лион, Ница, Марсеј чекаа шанса да започнат преговори откако ќе стане слободен играч, но сега тоа нема да се случи. Со оглед на тоа дека Челзи се враќа во Лигата на шампионите, е причина повеќе за Жиру да остане, а се шпекулира дека ќе има поголема доверба кај тренерот во новата сезона.
Инаку, претходно месецов едногодишен договор потпиша и Давид Луис.