Веројатно никогаш немаше да слушнеме за екипите од норвешката трета лига, доколку не се случеше еден бизарен инцидент. На мечот меѓу Селбак и Вестфосен немаше многу возбудувања. Гостите водеа со 5:0 и се чекаше само крајот на дуелот за да може Вестфосен да се израдува на три бода.
Сепак, наместо мирна завршница, се случи необичен инцидент. Еден од домашните играчи со цел да ја исфрли топката што е можно подалеку од својот гол, шутираше високо во воздух. Топката заврши во жиците на еден електричен столб што предизвика дефект во напојувањето. За само неколку секунди цело место остана без струја.
Мечот на кратко беше прекинат, но потоа продолжи, а резултатот остана 5:0 во корист на гостите. Местото во кое се играше средбата неколку часа остана без струја, додека не беше поправен дефектот.