Англискиот премиерлигаш Тотенхем се подготвува да го одигра најзначајниот меч во клупската историја. Лондонскиот тим ќе се обиде да стигне до тронот на Европа во клупски рамки, ќе игра во финалето на Лигата на шампиони против Ливерпул.
Тренерот на Тотенхем, Маурисио Покетино откри дека доколку неговиот тим стигне до титулата, ќе плаче цела недела. Аргентинскиот стратег откри дека многу често знае да плаче, па затоа ако се случи неговиот тим да биде европски првак, тоа може да биде причина за рекордно долго плачење за него.
„Плачам често. Плачам кога сум тажен, но и кога сум среќен. Ми се случува кога се враќам од тренинг центарот до дома, да заплачам и во кола кога ќе стигнам дома. Плачам и кога гледам филм. Ако ја освоиме Лигата на шампиони, веројатно ќе плачам цела недела“, рече Покетино.
Финалето против Ливерпул се игра на 1 јуни во Мадрид.