МЗТ во Копер може да зададе авторитетен удар

Македонскиот вицешампион, МЗТ Скопје Аеродром, од 18 часот во Копер, ќе игра дерби на АБА 2 лигата против Сикст Приморска, и евентуално освојување на два бода, ќе ја потврдат кандидатурата за влез во главната јадранска лига.

„Сино-белите“ од Аеродром добро го почнаа настапот во регионалното натпреварување со две домашни победи против Хелиос и Борац, но ова им е прв меч надвор, и тоа гостување кај еден од најголемите ривали во борбата за првото место. И Приморска со два триумфи ја почна сезоната.

Тренерот Ѓорѓи Кочов мисли дека Приморска е најсериозен кандидат за пласман во АБА лигата, и има екипа која добро би играла и во најдоброто регионално натпреварување.

„Квалитетно се пополнети на сите позиции, имаат екстра центарска линија и играат агресивно. Нормално, имаат и слабости во играта, кои ќе се обидеме да ги искористиме со максимално пожртвувана и агресивна игра. Имаме ситни повреди во тимот, но верувам дека ако ни се укаже шанса, ќе може да дојдеме до посакуваните бодови“, – изјави стратегот на МЗТ.

Љубомир Младеновски и Иве Иванов имаат играно во словенечки тимови и добро се познати за Приморска, а член на словенечкиот тим е крилниот центар Иван Маринковиќ, кој играше за МЗТ.

Мечот на колото ќе биде директно пренесуван на телевизијата Арена Спорт 2.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести