Манчестер ја одреди сумата за Лукаку, но дали ќе има некој да плати толку многу?

Во создавањето на нов тим за следната сезона, Интер денеска го промовираше новиот тренер Антонио Конте. Нераѕурите сакаат засилувања и во играчкиот кадар, а како една од главните цели е доведување на Ромелу Лукаку од Манчестер јунајтед.

Интер веќе ги договори личните услови со фудбалерот, но останува потешкиот дел, а тоа е да добие дозвола од Манчестер јунајтед за заминување од „Олд Трафорд“. Според пишувањата на англиските медиуми, Лукаку не е по мерак на тренерот Оле Гунар Солскјер и тој е еден од оние играчи кои треба да си заминат од „Олд Трафорд“. Сепак, цената која Манчестер ја бара за раскинување на договорот со белгискиот репрезентативец е навистина висока. „Црвените ѓаволи“ бараат Интер да плати 90 милиони евра ако сака да го купи овој играч.

Лукаку дојде во Манчестер во 2017 година од тимот на Евертон. Првично беше платен 85 милиони евра, но по активирање на неколку клаузули и бонуси од договорот, неговата сума достигна 100 милиони евра. Играчот воопшто не ги оправда очекувањата за оваа сума, но во Интер веруваат дека е вистинско решение за во нападот. Доколку се постигне договор со Манчестер јунајтед, Нераѕурите на Лукаку ќе му дадат годишна плата од 7,5 милиони евра плус бонуси.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести