Ливерпул веќе 30 години чека титула во англиското првенство, но затоа клубот покажа дека знае како е да се станува европски првак. Англискиот гигант по шести пат во историјата е на тронот на Европа, а прв пат во финалето славеше против ривал од својата земја.
Тотенхем делуваше поопасно на теренот, создаде повеќе шанси, имаше повеќе удари на противничкиот гол, но загуби со 2:0. Ливерпул стана првиот тим по Интер во 2010 година, кој станал европски првак, а во финалето имал помал посед на топка. Екипата на Јирген Клоп во финалето имаше само 35 отсто посед на топка, упати три удари во рамките на голот на противникот, но даде два гола и тоа беше повеќе од доволно да биде првак.
Интересно е што во таа 2010 година, Интер исто така славеше со 2:0 против Баерн, а и тоа финале се играше во Мадрид, како и вечерва.