Ѓоковиќ мете без милост во Париз, јунак на денот е Кеј Нишикори

Новак Ѓоковиќ сигурно маршира на Ролан Гарос, а ги мете противниците на земјената подлога во Париз со по 3:0. И денеска лесно и убедливо со 6:3, 6:2, 6:2 го доби дуелот против Јан Ленард Штруф.

Првиот носител на гренд-слемот во Париз имаше потполна контрола од почеток до крај, па Германецот беше немоќен и мораше да му честита на најдбриот светски тенисер во моментов.

Ѓоковиќ ќе игра за полуфинале со подобриот од дуелот меѓу Фабио Фоњини и Александер Зверев, што се уште не е почнат.

Ако првиот носител мина лесно и без проблеми, седмиот фаворит Кеј Нишикори преживеа вистинска драма и од работ на елиминација, се претвори во јунак на денот. Јапонецот го доби мечот со Беноа Пер, што денеска продолжи од резултат 2:1 во сетови за него. Францускиот тенисер носен од публиката израмни на 2:2 и потоа во решавачкиот сет сервираше за меч при предност од 5:3 во гемови.

Сепак, со фуриозен финиш Нишикори нанижа четири победнички игри по ред и го доби мечот со 6:2, 6:7, 6:2, 6:7, 7:5. Сега го чека уште потешка задача и четврт-финален меч со Рафаел Надал.

Кај дамите познато е уште едно четврт-финале, а меѓу себе ќе го играат Медисон Кијз и Ешли Барти по денешните победи.

Кијз беше подобра од Катерина Шинјакова со 6:2 и 6:4, додека Барти ја надигра Кенин со 6:3, 3:6 и 6:0.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести