Кочов: Не смееше да ни се случи испуштање на победата

По поразот на МЗТ Скопје Аеродром од Сикст Приморска, тренерот на македонскиот претставник во втората АБА-лига, Ѓорѓи Кочов, изјави дека неговиот тим не смеел да си допушти пораз во ситуација кога имаше предност од осум поени разлика на 1,15 минути до крајот.

„Штрковите“ наместо рутински да го приведат мечот кон крај, му дозволија на противникот набрзина да даде осум поени по ред и да изедначи, а во продолжението и да победи.

„Очекувавме дека ова ќе биде тежок меч за нас. Во третата четвртина, противникот направи предност, но ние успеавме да се вратиме и поведовме со разлика од осум поени. Тогаш се случи тоа што не смееше да се случи. Примивме две брзи тројки, следуваше продолжение во кое одлучија две топки. Му честитам на тимот на Приморска за борбеноста“, изјави разочараниот Кочов.

Во следното коло МЗТ игра дома, против Ловќен и тоа е шанса тимот од Аеродром да се врати на победничкиот пат. Пред тоа, МЗТ утре треба да го пречека Шкупи во обид за прва победа сезонава во домашното првенство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести