Премиер лига или Бундеслига? Сане бара помош од Бекам

Крилниот офанзивец на Манчестер сити, Лирој Сане, е во голема дилема. Германецот има понуда на маса од Баерн Минхен, а воедно размислува дали да остане во редовите на англискиот првак и да се обиде да се наметне во стратниот состав кај Пеп Гвардиола.

Целата приказна дополнително му ја отежнуваат најблиските. Неговата мајка има желба Сане да се врати во Бундеслигата, каде што ја започна фудбалската кариера пред да се пресели на Островот, додека на неговата девојка со која има ќерка, ѝ е убаво во Англија и не сака да се сели.

Поради овој проблем Сане одлучи да го смени менаџерот, односно да му даде отказ на својот татко Сулејман и да ја ангажира менаџерската агенција која порано раководеше со трансферите и договорите на поранешната ѕвезда на Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, Дејвид Бекам.

Самиот Бекам сега е дел од таа агенција, а Сане очекува негова помош, односно совет со кој ќе му помогне да ја разреши својата дилема. Англиските медиуми известуваат дека веќе се одржале неколку состаноци меѓу нив, а допрва ќе се носи конечна одлука.

Познато е дека Баерн Минхен пред неколку дена испрати понуда од 80 милиони евра за услугите на Сане, која Сити без размислување ја одби и наводно бара 100 милиони евра, но доколку Германецот одлучи да ги напушти редовите на англискиор првак, Граѓаните, односно Гвардиола ќе бидат приморани да ја спуштат цената.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести