Фудбалските навивачи низ светот се поделени околу тоа дали е подобар Кристијано Роналдо или Лионел Меси, таа дебата нема никогаш да престане додека тие двајца играат, а некогаш и бројките одат во прилог на едниот или другиот. Што се однесува до нивниот придонес и резултатите за националните тимови, тука неспорно во предност е Португалецот.
Селекцијата на Португалија за 82 години пред да се појави Роналдо немаше освоено никаков трофеј и имаше само шест настапи на Европско или Светско првенство. Со Кристијано во тимот, за 16 години Португалија веќе има два трофеи и не пропушти ниту една од осумте завршници на Мундијалите или на Евро.
„Хејтерите“ ќе кажат дека Роналдо го немаше никаде на финалните мечеви (ЕП 2016 и Лига на нации 2019) кои ги играше Португалија и дека Еузебио во 1966 година на едно СП даде повеќе голови од Роналдо во целата кариера на Мундијалите. Но, неспорно е дека без Роналдо, Португалија не би ни стигнала до финалињата и дека во неговата ера (прв стрелец во историјата на европските репрезентации) националниот тим е посилен отколку претходно.
Секако, неизбежни се и споредбите со Аргентинецот Меси. Аргентина е двоен светски првак и 14-кратен првак на Јужна Америка, но последниот трофеј на „гаучосите“ е во 1993 година, пред Меси да почне да игра за репрезентацијата на својата родна земја. Со Меси, Аргентина има неколку финалиња на Копа Америка и едно на СП, но ги загуби сите.
Аргентина со Меси е поуспешна на СП од Португалија на Роналдо, но кревањето на тој пехар веројатно ќе им остане неисполнета желба во блескавите кариери и на двајцата.