Ангеловски: Мораме вака да продолжиме, бидејќи имаме повеќе од три противници

Победата на Македонија против Лихтенштајн широко ги отвора вратите на нашата селекција да го освои првото место во групата, а со тоа и да ги продолжи шансите дека преку настапите во Лигата на нации да стигнеме до пласман на Европското првенство во 2020 година. Селекторот Игор Ангеловски беше задоволен, но потенцираше дека мора да се продолжи во исто темпо и на преостанатите три средби кои следуваат.

„Сега се огромни шансите да завршиме на првото место, но готово ќе биде кога и теоретски ќе бидеме таму. Ова е интересно натпреварување бидејќи не се бориш против само селекциите кои се во твојата група, туку и со оние кои се можни противници во полуфиналето од плеј-офот. Знаеме дека полуфиналниот меч кога евентуално ќе бидеме први, се игра на терен на тој што е подобар. Се натпреваруваме и со останатите селекции. Имаме мотиви да играме, уште не е готово. Мораме вака да продолжиме. Среќен сум што работам со такви фудбалери. Тие се најзаслужни за ова“, рече Ангеловски на пресот по мечот.

Македонија сега продолжува со подготовки и тоа за дуелот против Ерменија на гости. Тоа е ривалот за кој Ангеловски смета дека е најопасен ривал во оваа група каде што е Македонија.

„На секој меч ја подготвувам екипата да одиме на победа. Да дадеме гол повеќе од противникот. Мислам дека сите што беа на стадион се задоволни од тоа што го покажавме. Нашите мисли се да го добиеме мечот во Ереван“, додава Ангеловски, кој не заборави да потенцира дека единствена забелешка од натпреварот против Лихтенштајн е примениот погодок, прв за Македонија во Лигата на нации.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести