Циндриќ и Душебаев се опасноста по перфекцијата на Вардар

Вардар феноменално ја отвори новата сезона во ракометната Лига на шампиони, а ако триумфира на гостувањето во Полска кај Виве Келце, ќе го има најдобриот старт во својата историја. „Црвено-црните“ досега никогаш не ја почнале сезоната со пет победи по ред.

Дуелот од 17 часот носи многу интересни дуели и куриозитети. Вардар ја има најдобрата одбрана во ЛШ со 101 примени голови во четири кола, но Келце го има Алекс Душебаев, кој со 29 гола е на делба на првото место на листата на стрелци.

Душебаев е поранешен член на Вардар, тим со кој стана европски првак пред две сезони, а во Келце игра уште еден многу важен поранешен вардаррец, Лука Циндриќ. Доколку македонскиот првак успее да ги неутрализира плејмејкерот Циндриќ и десниот бек Душебаев, ќе има шанса да ја продолжи својата триумфална низа.

Кај Вардар ќе го нема пикерот Рожерио Мораеш, па капитенот Стојанче Стоилов кој се врати минатото коло, ќе треба да преземе поголем товар.

Традицијата е против Вардар. Скопјани губеа на сите три гостувања кај Келце во ЛШ. Можеби е време да се разбие малерот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести