Во Колумбија страв од ново убиство како тоа на Ескобар

Фудбалската репрезентација на Колумбија е трагичарот на Копа Америка откако испадна, иако не прими ниту еден гол во четири натпревари. Колумбија одигра перфектно во групата и имаше три победи против Аргентина, Парагвај и Катар, и тоа без да прими гол.

Во четврт-финалето дојде дуелот против Чиле, а по 90 минути немаше погодоци, па мораше да се шутираат пенали. Во пенал-рулетот, дефанзивецот на Колумбија, Вилијам Тесилјо беше единствениот кој утна, па Чиле се радуваше на победа од 5:4.

Фановите во Колумбија не може да му простат на Тесилјо за утнатиот удар од белата точка, а најекстремните дури му се закануаат со убиство.

„Точно е дека на мене и на мојата жена ни праќаа смртни пораки. Мојата жена тоа го објави јавно, а јас тие пораки не ги споделив со јавноста“, откри несреќниот Тесилјо.

Оваа мака Тесилјо ја сподели точно на 25-годишнината од смртта на Андрес Ескобар. Поранешниот колумбиски репрезентативец беше убиен на денешен ден во 1994 година затоа што си даде автогол на Светското првенство во САД и поради тоа Колумбија испадна во групната фаза. 

 

 

- Оглас -

Најнови вести