Жоао Феликс го направи најатрактивниот трансфер во досегашниот дел од летниот преоден рок. Младиот 19-годишен Португалец блесна во дресот на Бенфика, па Атлетико не жалеше пари за негово доведување. Мадридскиот клуб се согласи да плати 126 милиони евра, што е клупски рекорд.
Освен што е клупски рекорд, трансферот на Феликс е и рекорд за еден португалски играч, надминувајќи го рекордот на Кристијано Роналдо, кој минатото лето за 117 милиони евра од Реал Мадрид замина во Јувентус. Во историјата на фудбалот, само четворица фудбалери имаат поголеми трансфери од тој на Феликс.
Рекордер е Нејмар со сума од 222 милиони евра, а потоа следува Килјан Мбапе, за кого беа платени 180 милиони евра. Поскапи трансфери од Феликс имаат направено само уште Филипе Кутињо и Дембеле, кои се играчи на Барселона.
Феликс во минатата сезона одигра 43 средби за Бенфика, во кои даде 20 голови, а имаше и 11 асистенции. Со добрите настапи си обезбеди место и во португалската репрезентација, за која дебитираше на финалниот турнир од Лигата на нациите.