Горан Пандев е движечката сила на македонската репрезентација, која под команда на капитенот нема пораз на последните 10 меча. Гранде Пандев ќе го игра 98-миот натпревар во дресот со национални обележја утре, против Ерменија, а вели дека е горд што повеќе од деценија и пол игра за нашата репрезентација.
„Горд сум што сум блиску до јубилејот и верувам дека наскоро ќе стасам до стотката. Уште повеќе се радувам што имаме многу квалитетна репрезентација, според мене, и најсилната македонска репрезентација во историјата, предводена од најдобриот селектор. Имаме максимален учинок во Лигата на нациите на првите три меча и во Ереван ќе одиме на победа за да ја продолжиме низата. Ерменците се квалитетен состав, со одлични поединци. Ги надигравме и ги победивме во Скопје и ќе сториме сè за да има реприза и на утрешниот меч“, вели Пандев.
Покрај стотката, што наскоро речиси сигурно ќе ја надмине, капитенот може да ја мине и границата од 40 голови. Досега има постигнато 33.