Арсенал и минатата сезона ја заврши без да освои ниту еден трофеј. Освен што немаше причини за славење во некое натпреварување, „топчиите“ очајно ја завршија сезоната и на крајот не изборија место во Лигата на шампионите, па ќе мора да се задоволат со Лигата на Европа.
Лондонскиот тим последната шанса за трофеј, но и за место во елитната Лига на шампиони ги пропушти по поразот во финалето на Лигата на Европа во Баку, кога беше поразен од градскиот ривал Челзи.
Иако летниот преоден рок веќе една недела е започнат, во Арсенал не се зборува за никакво засилување. Навивачите се свесни дека со актуелните играчи кои ги има во ростерот на лондонскиот клуб, новата сезона не може да биде подобра од изминатата, а тоа значи уште една неуспешна година.
Затоа, фановите на Арсенал веќе започнаа да протестираат. Првите незадоволни фанови бараат од клубот да си замине сопственикот Стан Кроенке, кого го сметаат за еден од главните виновници за лошите резултати.