Македонскиот првак Шкендија на шокантен начин е елиминиран од квалификациите за Лигата на шампионите откако во Скопје е поразен од естонскиот Номе Калју со 1-2. Со ова беше поништена победата на тетовци на дуелот во Талин.
Иако тренерот Османи предупредуваше дека работата не е завршена, Шкендија млако го почна мечот и прими гол во шестата минута. Тоа ги освести домашните, кои ја презедоа иницијативата, напаѓаа, но имаа проблем со реализацијата. Изедначувањето дојде во 61-вата минута, и тоа од пенал кој го реализираше Агим Ибраими. Агим погоди од белата точка и на првиот меч пред една недела.
Шкендија имаше 25 шута кон голот на Номе Калју, по еднаш погоди статива и пречка, но изостана реализација. Кога шансите нема да се искористат, казната доаѓа, е непишаното фудбалско правило кое и овојпат се покажа на дело. Лилиу во 92-рата минута добро се снајде по една нафрлена топка во петерецот на Шкендија и со глава даде гол кој ги фрли во очај играчите на Шкендија и оние малку навивачи кои се најдоа на трибините на Арената.
Ова значи дека Номе Калју ќе игра со Селтик во следната фаза доколку Шкотите утре не бидат сензационално елиминирани од Сараево.