Почнува НБА лудилото – Ќе се најде ли достоен противник за Голден стејт?

Борбата за шампионскиот прстен во НБА-лигата започнува по полноќ, а на премиерното отворање во новата сезона предвидени се два натпревари. Бостон селтикс ја пречекува амбициозната Филаделфија севентисиксерс, додека актуелниот бранител на титулата, тимот на Голден стејт, во „Оракл арената“ ќе биде домаќин на „громовите“ од Оклахома.

Како и во последниве четири години, и оваа сезона „воините“ се фаворити за трофејот. Избраниците на Стив Кер ќе атакуваат на трета титула во низа, додека Хјустон, Бостон, ЛА лејкерс се само дел од екипите кои ќе сакаат да стават крај на доминацијата на франшизата од Оукленд. Голден стејт годинава имаат уште поквалитетен ростер во однос на лани, а како големо засилување на првата петорка пристигна Демаркус Казинс. Ако шутот од далечина им беше главно оружје на Вориорс, сега ќе бидат значително поцврсти и под обрачите.

Од нив вечерва се очекува сигурен триумф против Оклахома, особено што не игра лидерот на „громовите“, Расел Вестбрук, додека недостасуваат уште најмалку двајца клучни играчи во тимот на Тандерси.

ЛА лејкерс ќе се обиде да се врати меѓу елитата, токму затоа во градот на ангелите дојде и Леброн Џејмс. Кралот сака да го врати стариот сјај на шестнаесеткратниот НБА-шампион, екипата составена од неколку искусни и неколку млади играчи ќе се обиде да им пркоси на останатите фаворити на Западот.

Хјустон се смета за најголем ривал на Голден стејт во Западната конференција. На дуото Џејмс Харден – Крис Пол се приклучи и веќе ветеранот Кармело Ентони, кој ќе биде „џокерот“ во екипата на „ракетите“.

Торонто репторс по сите изгледи ќе биде најголемиот ривал на Бостон на Истокот. Иако франшизата ја напушти еден од најдобрите поединци во лигата, Демар Дерозен, кој замина во Сан Антонио, Торонто за возврат го доби Кавај Ленард, но и Дени Грин. Овие двајца, заедно со Лаури, Ибака и Валанчиунас, ќе бидат доста незгоден тим за секој противник во првенството.

Откако Леброн Џејмс го напушти тимот на Кливленд кавалирс, на Истокот ќе се води борбата за нов владетел. Бостон селтикс, минатогодишниот конференциски финалист, поседува најквалитетен состав во оваа конференција, особено што Кајри Ирвин и Гордон Хејворд закрепнаа од тешките повреди, a, секако, тука се одличните Џејлен Браун и Џејсон Тејтум, како и искусниот Ал Хорфорд, па „келтите“ конечно ќе истрчаат на паркетот со најсилната петорка.

Филаделфија, исто така, се наметнува како екипа која ќе сака да оди до крај во разигрувањата на плејофот. Симонс и Ембид повеќе не се новаци, туку предводници на оваа франшиза од кои се очекува да играат на високо ниво на секој натпревар, а добро ќе им дојде и враќањето на првиот пик од драфтот од 2017 година, Маркел Фулц, кој лани ја пропушти цела сезона поради повреда.

Секако, покрај овие шест екипи, Денвер, Милвоки, Јута, Оклахома и значително ослабениот Сан Антонио се екипите кои секогаш се незгоден противник, а, несомнено, се очекува неизвесна сезона во регуларниот дел по миграциите на неколку ѕвезди низ лигата.

Двојки во првото коло на НБА:

16-ти октомври

Бостон селтикс – Филаделфија севентисиксерс (02:00 часот)

Голден стејт  вориорс – Оклахома сити тандерс (04:30 часот)

17-ти октомври

Шарлот хорнетс – Милвоки бакс

Детроит пистонс – Бруклин нетс

Индијана пејсерс – Мемфис гризлис

Орландо меџик – Мајами хит

Њујорк никс – Атланта хокс

Торонто репторс – Кливленд кавалирс

Хјустон рокетс – Њу Орлеанс пеликанс

Сан Антинио спарс – Минесота тимбервулвс

Сакраменто кингс – Јута џез

ЛА клиперс – Денвер нагетс

Феникс санс – Далас маверикс

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести